Историјат

Почетоците на воспитно-образовната училишна дејност на оваа институција датираат уште од 1956 година, кога за прв пат, според потребите во трговијата, се подготвуваат стручно квалификувани кадри и се основа трговско училиште со практична обука и интернат со седиште во Струмица во просториите на денешната зграда на Државниот архив-подрачно одделение Струмица и Музејот на град Струмица. Училиштето се верифицира во 1961 година, а од 1963 година се спојува со училиштето за ученици во стопанството во едно училиште „Цветан Димов" како училиште за квалификувани работници.

Во 1973 година се основа училишен центар за електро и металска струка ЕМУЦ „Никола Карев" - Струмица, како самостојна и самоуправна установа од посебен општествен интерес за стопанството за општина Струмица.

Денешната училишна зграда е изградена и пуштена во употреба во 1978 година на површина од 9380 м² и дворна површина од 10 000 м². Спортската сала е изградена 1996 година, а официјално пуштена во употреба неколку години подоцна со површина од 1500 м².

Во 1984 година, врз основа на одлуката на Собранието на општина Струмица се формира Работна организација за средно насочено образование „Кирил и Методиј" - Струмица во која се спојуваат четирите средни училишта од општина Струмица. Училиштата се распоредуваат во посебни Основни организации на здружен труд.

ООЗТ Техничко-технолошкиот училишен центар „Никола Карев" - Струмица ги презема сите права и надлежностите од ЕМУЦ „Никола Карев". Во ООЗТ Техничко-технолошкиот училишен центар „Никола Карев" воспитна образовна дејност се реализирала во машинска, текстилна, градежна, дрвопреработувачка и електро-техничка струка во 15 образовни профили за трет и четврт степен на образование.

Во 1991 година Советот на училиштето донесува одлука за проширување на основната дејност со дополнителна образовна дејност (обука на возачи за моторни возила) на граѓански лица за „Б" и „Ц" категорија и врз основа на тоа се формира и Автошколата при училиштето која функционира до денес.

Во 1997 година согласно Законот за средно образование, „Никола Карев" – Струмица се преименува во Државно средно техничко училиште „Никола Карев" – Струмица, сѐ до 2006 кога со децентрализација на образованието станува СОУ „Никола Карев" - Струмица.

Од 1 јануари 2024, со одлука на Владата на Република Северна Македонија, а по претходни детални анализи за успешност, институцијата се трансформира во Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Никола Карев" Струмица.