Валидација на образование
Валидација на неформално образование и искуствено (информално) учење
ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ Струмица е акредитиран понудувач на услуги за валидација на неформално образование и искуствено (информално) учење (ВНОИУ).
Во моментов, училиштето спроведува валидација за следните профили:
- Електричар
- Автоелектричар
- Инсталатер за греење и климатизација
- Инсталатер на цевководи
- Машински механичар
- Автомеханичар
- Поставувач на подови и плочки
- Ѕидар – фасадер
- Монтер на сува градба
- Администратор на веб страница
Со процесот на валидација, стекнатите знаења, вештини и компетенции преку неформално образование и работно или животно искуство се препознаваат и вреднуваат во согласност со утврдените стандарди.
Кому е наменета валидацијата и како се одвива?
Имате работно искуство и знаете да работите одредена работа, но немате формална квалификација? Валидацијата ви овозможува вашето знаење и искуство да бидат проверени и официјално потврдени.
Постапката е наменета за возрасни лица кои стекнале знаења и вештини преку работа, практично искуство, обуки, курсеви или самостојно учење.
Како се одвива?
- Се пријавувате за занимањето за кое сакате да ги потврдите вашите знаења и вештини.
- Го приложувате вашето искуство и докази – доколку ги имате, како потврди за работно искуство, сертификати, препораки и друга документација.
- Вашите знаења и практични вештини се проверуваат преку соодветна постапка.
- Доколку ги исполнувате потребните услови, ги потврдувате вашите компетенции и добивате соодветен документ.
Не учите повторно нешто што веќе го знаете и умеете – туку го потврдувате вашето стекнато знаење и искуство.