Четиригодишно образование

Струки со четиригодишно образование: електротехничка, машинска, текстилна, градежна, дрвна, сообраќајна. Подолу се официјалните описи на квалификациите и подрачјата на вработување од државниот водич.

Електротехничка струка

Компјутерска техника и автоматика

Квалификација: Електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Врши интервенции од електротехничка природа на ИКТ опрема и автоматизирани процеси; програмира компјутерски системи и автоматизирани процеси со примена на програмски јазици; самостојно работи со бази на податоци; инсталира, одржува и сервисира компјутери, компјутерски мрежи и периферна компјутерска опрема; работи со интелигентни системи и роботи; извршува интервенции при визуелна и програмска изведба на веб-страници и применува стандарди при работа со компјутерска технологија.

Можности за вработување: Во различни работни средини како што се: ИКТ индустријата, компјутерски мрежи, интелигентни и роботски системи, веб-дизајн, производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, осветлување на отворени и затворени површини, автоматизирани индустриски погони, станбени објекти, установи за јавни услуги, медиуми, установи за туризам, угостителство, образование, наука, здравство, земјоделие и др., како и сопствен бизнис. Работни задачи на пример: техничар за роботика и интелигентни системи; оператор на бази на податоци; техничар за процесна автоматика; техничар електроничар за компјутери; техничар за компјутерски системи и мрежи; веб-техничар; техничар на ИКТ за поддршка на корисници и други места согласно квалификацијата.

Електротехничар енергетичар

Квалификација: Електротехничар – енергетичар. Изведува и одржува електрични инсталации на станбени и индустриски објекти; врши мерења во електрични инсталации; изведува работи за функционирање на заштитно и громобранско заземјување; поврзува разводни ормари, мерно разводни ормари и разводни табли со соодветни спроводници и кабли; монтира елементи од надземни и подземни енергетски водови и мрежи; изведува електрични инсталации за работа и управување на електрични машини и електромоторни погони и изведува, сервисира и одржува нисконапонски и среднонапонски електроенергетски објекти; применува манипулации со расклопната опрема во електроенергетските објекти; предлага мерки за подобрување на енергетската ефикасност.

Можности за вработување: Производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија, осветлување, индустриски погони, станбени објекти, установи за јавни услуги, сервиси за куќни апарати, медиуми, туризам, угостителство, образование, наука, здравство, земјоделие и др., како и сопствен бизнис. На пример: електротехничар за електрични инсталации и осветлување; за комуникации, мерења и управување во електроенергетиката; за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија; оператор на електрични машини и електромоторни погони; оператор на електрични апарати и уреди за домаќинство и погон.

Машинска струка

Техничар за производно машинство

Квалификација: Машински техничар. Изработува техничка и технолошка документација за обработка на металите со режење и пластична деформација; ракува со алатни машини; изработува метални конструкции; изработува и одржува алати и изведува заварувачки работи; ракува и програмира CNC машини; планира, организира, следи и оптимизира работа, решава проблеми, контролира квалитет на алати, уреди, материјали и производи, согласно со проектната документација.

Можности за вработување: Оператор на технологија на обработка на метали со деформација и режење; оператор на технологијата за изработка на метални конструкции; алатничар; оператор на технологијата на заварување; оператор на CNC машина; изработувач на CNC програми; соработник за техничка документација во машинството – во претпријатија за изработка и монтажа на конструкции, преработувачката и автомобилската индустрија и каде што има машини и постројки.

Машински техничар за моторни возила

Одржува, сервисира и поправа моторни возила, но и учествува при нивното производство; организира и врши надзор над одржувањето и поправките на моторните возила, дијагностицира неисправности на моторното возило, проверува, подесува и поврзува делови и системи на моторното возило и организира постапки во производниот процес на моторните возила.

Можности за вработување: Дијагностичар на неисправности на возила; механичар и монтер на мотори и моторни возила; оператор на технологијата на производство и одржување на мотори и моторни возила; соработник за техничка документација во машинството во индустријата за производство на моторни возила и делови, сервиси, технички прегледи, автосалони, резервни делови, возен парк, јавен превоз – како и сопствен бизнис.

Сообраќајна струка

Техничар за патен сообраќај

Придонесува за безбедност во сообраќајот, врши снимање на сообраќајот, изработува табели и графичка слика, уредува технички карактеристики на крстосниците и другите сообраќајни површини и сообраќајната сигнализација, утврдува режим на сообраќај; организира, реализира и следи транспортен процес при превоз на патници и товар во внатрешен и меѓународен сообраќај; ја потврдува техничката исправност на возилата и задолжителната опрема; презема мерки за правилен увид на сообраќајна незгода; применува прописи од областа на сообраќајот и логистиката, безбедност при работа и заштита на животната средина.

Можности за вработување: Оператор за регулирање и безбедност на патниот сообраќај; диспечер во патен сообраќај; оператор за организација на патен сообраќај; оператор за експлоатација на патни превозни средства; оператор за увид во сообраќајна незгода; оператор за складирање и други работни места во доменот на патниот сообраќај.

Техничар за транспорт и шпедиција

Планира, организира, реализира и следи извршувањето на транспортот на патот од прием до испорака на пратките; врши прием и чување на стока во складиште, ракување и испорака; извршува шпедитерски работи и координира учесници при транспортот; спроведува царински формалности; собира и обработува документација за прием, царинење, транспорт, отпрема и допрема; применува прописи од сообраќајот и логистиката и ИСО-стандарди.

Можности за вработување: Оператор за транспорт; шпедитер; шпедитерски царински застапник; оператор за складирање и други работни места во шпедицијата, или сопствен бизнис.

Текстилна струка

Техничар за моделирање на облека

Креира модел, утврдува мерки, рачно и компјутерски; црта основна конструкција, планира и подготвува ресурси за изработка на пробен модел; работи на современи CAD и CAM системи; моделира и градира кројни делови и изработува пробен модел.

Можности за вработување: Дизајнер на облека; оператор за кроење, шиење и доработка на облека и други работни места од секторот.

Техничар за дизајн на облека

Дизајнира и изработува модна скица и колекција според правила и побарувања на клиенти; дизајнира по сопствена идеја или налог со ликовни принципи; користи софтвер за модна и кројна слика; изработува кројни делови, комплетирање и моделирање, декорира пробен модел; планира ресурси за комплетна изработка на пробен модел.

Можности за вработување: Дизајнер на облека; моден стилист; оператор за кроење, шиење и доработка на облека и други работни места согласно квалификацијата.

Градежна струка

Градежен техничар

Оспособен за изградба на безбедни, функционални и одржливи објекти согласно проектна документација; изработува техничка документација врз основа на проект; собира понуди согласно предмер-пресметка; планира техничка документација и ресурси за изведба на градежни работи (механизација, работна рака, материјали); врши надзор на изведба и контрола на вградени материјали и квалитет.

Можности за вработување: Соработник за техничка документација за градежни работи и оператор за изведба и контрола на градежни работи.

Дрвна струка

Техничар за мебел и ентериер

Извршува работни задачи во производството на мебел, ентериер и градежна столарија; изработува техничко-технолошка документација, оперативна подготовка и нормирање; подготвува дрво, плочи и помошни материјали; изработува шаблони, подлога за тапацир, ѕидни панели, платна за тавани или прекривки за мебел; крои и шие материјали за тапацир; составува полупроизводи и производи, одржува, контролира и поправа; пресметува цена и продажба на готов производ; изработува елементи и производи од мебел, градежна столарија и специјални производи.

Можности за вработување: Оператор за подготовка на производството; оператор со технолошки процеси за обработка на дрво и плочи; оператор за изработка на меки делови кај мебелот и внатрешна декорација.